Продолжува реализацијата на најголемиот еколошки проект во Македонија, пречистителната станица за отпадни води – Скопје, со проценета вредност од 136 милиони евра.

Денес, директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински заедно со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, Билјана Милошеска, помошник директор во ЕБОР, Орхидеја Каљошевска, Координатор на Инвестиционата рамка за Западен Балкан во Македонија и Алесандро Брагонци, директор на претставништвото на ЕИБ за Западен Балкан, одржаа средба и го најавија отворањето на понудите за изградба на Пречистителната станица – Скопје.

Средбата се одржа на иницијатива на директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински по повод заокружување на една фаза од процесот за имплементацијата на проектот за изградба на Пречистителната станица за третман на отпадни води – Скопје. На средбата беше разговарано за постигнатите резулати во однос на имплементација на фазите за реализација на проектот како и за следните предизвици до неговото завршување. 

Перински по средбата го истакна своето задоволство и благодарност до Европската Делегација, ЕБОР, ЕИБ и Град Скопје за поддршката која овие институциии ја даваат за реализација на овој еколошки, капитален проект. Тој се заблагодари и за поддршката на Европската Комисија која го одобри Инвестицискиот Грант во висина од 69.8 милиони евра преку Инвестициската Рамка за Западен Балкан (WBIF) како дел од Економскиот Инвестициски план на ЕУ и зелената Агенда. Благодарност беше искажана и за тимот на претпријатието кој посветено работи на реализацијата на овој проект.

„Процесот на отворање на понудите и неговата етапна реализација ќе значи гаранција за доследно реализирање на инвестицискиот циклус со проценета вредност од 136 милиони евра што е и една од најголемите инвестиции за градот Скопје воопшто. Со изградбата на пречистителната станица, ние како држава ќе имаме над 90% прочистени води, што е еден од критериумите кои треба да се исполнат при отворање на преговорите со ЕУ. Со проектот ќе се зголеми и отпорноста на Скопје на климатските промени преку зајакнување на градскиот систем за третман на отпадни води“ – додаде Перински.

Градоначалничката Арсовска истакна дека изградбата на оваа пречистителна станица е најголем еколошко-капитален проект за Скопје и скопјани, додавајќи дека на овој начин конечно ќе се овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите. „Со изградба на оваа пречистителната станица за третман на отпадни води, Скопје конечно ја добива можноста да се развива во еколошка метропола која се грижи за животната средина и за скопјани“, рече Арсовска.

Директорот на претставништвото на ЕИБ за Западен Балкан, Алесандро Брагонци,  го истакна своето задоволство од насоката по која се движи овој важен проект, кој ќе го поддржи јавното здравје, почисти реки и подобри услови за живот за околу 500.000 луѓе. „Како климатска банка на ЕУ, нашата цел е да му помогнеме на регионот да се прилагоди и да ги ублажи негативните последици од климатските промени и да ја зголеми отпорноста на кризи. ЕИБ досега има инвестирано 128 милиони евра во инфраструктурата за вода и отпадни води, што помогна да се подобри пристапот до вода за пиење и санитарни услуги за луѓето низ Северна Македонија. Како дел од ЕИБ Глобал, ќе продолжиме тесно да соработуваме со Европската Комисија и нашите локални партнери во обезбедувањето техничка и финансиска поддршка за стратешки инвестиции во областите на одржлив транспорт, зелена транзиција, енергија и развој на мали и средни претпријатија“ – додаде Брагонци.

Денес во 12 часот истече рокот за поднесување на тендерски понуди за избор на изведувач на ПСОВ – Скопје. До истекот на рокот беа поднесени две понуди од кои ќе се избере една компанија која ќе работи на изградба на станицата по процесот на техничка и финансиска евалуација.

 

  

Колачиња (cookies)

Поставени се колачиња (cookies) на Вашиот уред со цел да се подобри функционалноста на оваа веб страница. MoreInformationCookies