Систем за водоснабдување на град Скопје

Главни објекти на системот за производство и за дистрибуција на вода за Град Скопје се: изворот Рашче, бунарските подрачја Нерези и Лепенец, хлоринаторски станици, препумпни станици, хидрофори, резервоари и водоводна мрежа.
Потребите за вода за Град Скопје скоро во целост се обезбедуваат од изворот Рашче кој се состои од две Каптажи Рашче 1 и Рашче 2, со вкупен инсталиран капацитет од 6 м3/во секунда односно 6000 литри/во секунда.
Поради енормната потрошувачка на вода во летниот период и покрај обилниот капацитет на изворот Рашче може да се појави потреба од активирање на бунарските подрачја Нерези и  Лепенец.
Бунарското подрачје Нерези се состои од 4 (четири) бунари, кои се со капацитет од 0,76 м3/во секунда.
Бунарското подрачје Лепенец се состои од 3 (три) бунари, кои се со капацитет од 0.69 м3/во секунда.
Доводот на водата од изворот Рашче до корисниците се врши преку два челични цевоводи, со профил ф-1600 милиметри и кои после надвозниот пат за Ново Село се одвојуваат кон Градот и кон индустрискиот комплекс Железарница. 
Врз потеклото и квалитетот на изворската вода слеана во изворот Рашче постојано се изведуваат софистицирани хидролошки, метеоролошки и изотопски лабараториски испитувања. Потврдeно е дека овој непроценлив природен благодет до тој степен е физички, хемиски и бактериолошки чист, што нема потреба од каков било дополнителен третман освен превентивно хлорирање.
Превентивна дезинфекција на водата се изведува со гасен хлор и на тој начин се овозможува трајна заштита од загадувања. Дезефинкцијата на водата се врши преку хлорирање во Хлоринаторски станици, кои се лоцирани на различни локации повеќе Во градот Скопје и тоа: од запад, на главните доводи ф-1600 милиметри изградена е хлоринаторна станица Кондово, со капацитет на хлорирање од 15 литри/на час хлор. Во бунарското подрачје Лепенец изградена е хлоринаторна станица, со капацитет на хлорирање од 4 литри/на час хлор. 
Во бунарското подрачје Нерези изградена е хлоринаторска станица, со капацитет од 4 литри/на час хлор. Во с.Рашче изградена е хлоринаторна станица, со капацитет на хлорирање од 1 литар/на час хлор.
Теренските услови во Град Скопје се такви што има потреба од висинско зонирање на системите за водоснабдување. Снабдувањето со вода за високите зони се врши со помош на 25 (дваесет и пет) Препумпни станици кои се со вкупен капацитет од 3350л/во секунда. 
Водоводниот систем располага со 6 (шест) Хидрофори кои се со вкупен инсталиран капацитет од 144 литри/во секунда и истите се користат за некои приградски населби во Град Скопје.  Воедно се изградени 36 (триесет и шест)  резервоари со вкупен капацитет од 36 735 м3.
Вкупната водоводна мрежа заклучно со 2013 година изнесува 1085 километри. Големината на дијаметарот на цевките се движи од ф-2 до ф-1600 милиметри и истите се главно изработени од лиено железо, а мал процент од други материјали (поцинкувани, челични, пластични и салонитни односно асбест-цементни кои постепено се заменуваат).