18.01.2012
ЈП Водовод и канализација-Скопје одржува 10303 километри водоводна мрежа. Цевките од водоводната мрежа се главно изработени од ливено железо околу 70 %, а мал процент од други материјали и тоа поцинкувани околу 9%, челични околу 4%, пластични околу 3%, дуктилни околу 4% и салолинтни (азбест-цементни) околу 10%.
Како ЈП Водовод и канализација-Скопје во континуитет вршиме реконструкција односно замена на азбест-цементните и поцинкувани цевки со нови цевки кои се со поголеми профили и се изработени од поквалитетни материјали односно од дуктилно железо, кои се отпорни на влијанијата на почвата и на агресивноста на сообраќајот, со што се намалуваат повредите односно дефектите на самата водоводна мрежа, а корисниците добиваат подобро и поквалитетно водоснабдување.
Азбест-цементините и поцинкувани цевки се менуваат поради староста и воведување на нови технологии за производсво на водоводни цевки, а не поради тоа што се штетни. Сите досегашни истражувања на ова поле вршени од страна на Светската здравствена организација покажуваат дека азбест-цементните цевки не се штетни за здравјето на луѓето затоа што самата цевка е обвиткана со азбестно млеко кое ја пружа неопходната заштита. ЈП Водовод и канализација-Скопје го прекина користењето на азбест-цементни и поцинкувани цевки при изградбата на својата инфраструктура уште од 1989 година.
Основна и единствена причина за замена на азбест-цементните цевки се заштедата и намалување на загубите на води, а во никој случај квалитетот на водата.
Азбест-цементните и поцинкувани цевки ги реконструираме односно заменуваме во сите општини по сознанијата на нашите реони и пунктови на оние места каде имаме почести дефекти.
Секоја година одвојуваме значителнa сума на финансиски средства и тоа од 2008 година па заклучно со 2011 година инвестирани се 460 милиони денари или по години во 2008 година 100 милиони, 2009 година 120 милиони, 2010 година 120 милиони и во 2011 година инвестирани се 120 милиони денари. И во оваа 2012 година продолжуваме со ваквата тенденција на реконструкција на водоводната мрежа на целата територија на град Скопје, со цел нашите корисници односно граѓаните на град Скопје да добијат што е можно подобро и поквалитетно водоснабдување. Согласно Инвестиционата програма за 2012 година предвидени се 120 милиони денари за реконструкција на водоводната мрежа.
Во изминатата 2011 година се реконструираа односно заменија 15 км азбест-цементни и поцинкувани цевки од постојната водоводната мрежа или се вкупно од 2008 заклучно со 2011 години, заменети се 55 км азбест-цементни и поцинкувани цевки.
Во 2011 година, ЈП Водовод и канализација-Скопје ја реконструираше водоводната мрежа во различни делови од градот Скопје и тоа по следните улици:Балканска, Есенинова, Жил Верн, Јордан Филиповски, Трпе Петровски, Марко Орешковиќ, Македонско Косовска бригада3, Македонско Косовска Бригада 5, Козле 1 (Нерези), Ловќенска, Козле, Илинденска, Леринска, бул. Партизански одреди крак 10, 29 Ноември, Мирче Ацев, Христо Смирненски, Мито Хаџивасилев-Јасмин, Васил Ѓоргов, Пајак, бул. Гоце Делчев, во с.Трубарево, Бора Тодоровиќ, Благоја Стевковски, 513, 518, 519, по дел од ул. Перо Наков, Ѓорѓи Капчев, во Волково на повеќе улици, во населбата Даме Груев на повеќе улици, во с.Волково крак 133, ул.52 Стопански двор, ул.51/31, Новопроектирана и на улицата Бутелски Венец.
Во тек е реконструкција на водоводната мрежа по следните улици и тоа: Јајце 1 и 2, 145, О.Чопела, Цветан Димов, Ганчо Хаџипанзов, Капиштец, Димитар Пандилов со краците, Лазар Димитров. Ќе се реконструира водоводната мрежа и на улицата Пандил Шишков (се чека општината да издаде Одобрение)
ЈП Водовод и канализација-Скопје, во својот Центар за санитарна контрола врши редовен мониторинг на квалитетот на водата за пиење. Мониторингот на квалитетот на водата, согласно Правилникот за хигиенска исправност на водата за пиење на РМ подразбира секојдневна контрола на водата за пиење од 49 мерни места, кои се одредени спрема бројот на еквивалент жители на Град Скопје, санитарно-хигиенска контрола и надзор на објектите за водоснабдување. Центарот за санитарна контрола на 01.03.2011 година го доби Сертификатот за акредитација (бр.ЛТ 021) по стандардот МКС EN ISO/IEC 17025:2006 - Општи барања за компетентност на лабораториите за тестирање и калибрирање од страна на Институтот за акредитација на Република Македонија.
Воведувањето на стандардот МКС EN ISO/IEC SO 17025:2006 значи дека услугите на лабораториите за тестирање се компатибилни со европските односно истите се препознатливи по компетентност, стручност и непристрасност. Резултатите се базираат врз одредување прецизност, повторливост и голема точност и со можност ако тоа го побара клиентот да му се достави и мерната неодреденост.
Добиените резултати потврдуваат дека водата од Водоснабдителниот систем е здраствено исправна односно ги задоволува сите критериуми пропишани во Правилникот за безбедност на вода за пиење на РМ. Физичко-хемиските параметри се детерминираат по методологии на ASTM ( American Society for Testing and Materials), по ISO стандардите за оваа област и одговараат на директивите на EU и на WHO (World Heath Organization). Независно од нас Центарот за јавно здравје-Скопје и Институтот за јавно здравје на РМ вршат анализи и нивните анализи истотака покажуваат дека водата што ја пијат нашите корисници, граѓаните на град Скопје е здраствено исправна.